Реката се запознава со пливање, а човекот со разговор.

уторак, 17. јул 2012.

Градот под Марковите Кули - Прилеп

"Aко не ја познаваш својата земја и нејзиното богатство, не се познаваш ни самиот себе."
ПРИЛЕП

Прилеп е град во Република Македонија. Со 73925 жители и површина од 1 675 km2, градот е лоциран во северниот дел на Пелагониската котлина, во јужниот дел на Република Македонија, до него се стасува преку магистралниот пат М5/Е65. Се наоѓа на 128 km (воздушна линија) од главниот град Скопје.

Градот Прилеп и воопшто населби на подрачјето на поширокиот прилепски регион, датираат уште од антиката, како што е археолошкиот локалитет Стибера, кај селото Чепигово. Во близина на градот, на Марковите Кули се откриени траги од предисториска населба.

Денешната местоположба на градот Прилеп потекнува од раниот среден век, кога Прилеп бил многу важен трговски и военостратегиски град. Токму во градот Прилеп, по катастрофалниот пораз на Самoиловата војска на Беласица, 1014 година, кога ги видел своите ослепени војници, царот Самиул починал од срцев удар. По смртта на Самуил градот потпаднал под византиска власт, се до распаѓањето на Византија во 1204 год. Во 1334 година Прилеп заедно со цела Македонија стануваат дел од Српското Кралство, на чело со Стефан Душан. Во 1371 година Прилеп станал престолнина на средновековниот македонски феудален владетел, Волкашин, кој го создал Прилепското кралство, со седиште во Прилеп. По неговата смрт во Маричката битка (1371), го наследил неговиот син, Крале Марко, (познат по своите надприродни сили и моќи, во народните преданија и приказни), кој и по доаѓањето на Турците се до неговата смрт во 1395 година владеел со Прилеп и поширокиот регион на западна и југо-западна Македонија.

Со доаѓањето на Турците, Прилеп од високоразвиен трговски град, се преориентира кон селското производство особено на тутун. Во Прилеп во 1564/65 година ќе се случи и првиот поголем бунт на македонскиот народ кон турската власт, кога незадоволните Мариовци, ќе направат голем протест, проследен со нереди пред судот во Прилеп.
Во XVIII и XIX век во градот се одржувал голем панаѓур, кој бил еден од најголемите во Румелија и траел 25 дена.
Во XIX век, во Прилеп учителствувал големиот македонски преродбеник и собирач на народно творештво Димитар Миладинов, заедно со својот помошник Рајко Жинзифов и токму во овој период во контакт со Миладинов, Марко Цепенков (роден прилепчанец) ќе ја прифати идејата на преродбеникот за собирање на македонското народно творештво.

Во април 1941 год. Прилеп потпаднал под фашистичка окупација. Уште од првите денови на окупацијата се појавил отпор, за конечно на 11.10.1941 година со нападот на бугарската полициска станица од страна на Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ да започне антифашистичкото народно востание против окупаторската власт.

Прилеп е центар на производство на високо квалитетен тутун и цигари, метало преработувачка, електронска, дрвна, текстилна, прехрамбена и мермерна индустрија (рудникот “Сивец“).
Тутунот е еден од Прилепските традиционални култури што успева во Македонската клима. Многу од големите светски производители на цигари го користат Прилепскиот тутун откако ќе се обработи во нивните локални фабрики. Кога во Прилеп бил основан Институтот за Тутун за креирање на нови видови тутун, тоа било прв пример за примена на генетиката во земјоделството на Балканот.

Институт за Старословенска Култура - ИСК лоциран во градот Прилеп генерално се занимава со етногенезета на старите Словени, преку истражувањата на археолозите, историчарите на уметност, етнолозите, лингвистичарите и други помошни историски науки. Формиран е како Центар за истражување на Старословенската Култура при Музејот на град Прилеп, а во 1980 година се осамостојува како Институција од научен карактер. Негов основач е тогашниот директор на Музејот на град Прилеп - Проф. д-р. Бошко Бабиќ, а подоцна и негов директор од 1980 година.

Македонски Театарски Фестивал "Војдан Чернодрински" се одржува во чест на првиот модерен македонски автор на драми, Војдан Чернодрински, кој бил роден во село Селци, Струшко во 1875 год. Овој Театарски Фестивал е најголемиот и најзначајниот за македонската театарска дејност, како и пошироко на Балканот, чии признанија се од голема важност во животот на актерите. Се одржува секоја година, во првата недела од месецот Јуни.
Прилеп изгради најмасовниот и туристички најпосетениот фестивал во Македонија и на Балканот – Пиво-Фест.
Итар Пејо

Две - три прилепски бежиња разбрале за итроштините на Итар Пеја и таман дошол Пејо во Прилеп на пазар, го нашле на анот и, за да го насамарат, му рекле :
- Ајде, Пejo, да се обложиме дека не можеш да преседиш ноќеска на ќерамиди. Ако преседиш, ќе ти дадеме сто лири.
Било зима и многу студено та бежињата си мислеле дека Пејо не ќе се согласи со облогот. Па и ако се согласи да остане ноќеска на јасникот, нема да остане жив.
Арно ама, Пејо го заскокоткаа ребрата за сто лири и си вели:„Стопанка му. Јас сум сиромав, па сиромав. Ако останам жив, ќе и речам збогум на сиромаштијата, а ако умрам од студ - ќе се спасам од неа. Кога да видиш, жив - умрен, на ќар сум!" И реши да се обложи со бежињата.
Го качија ноќта на една куќа на ќерамиди. Ни сакме ни гуне, ништо не му дадоа да си земе. Тресе Вилици Пејо, тенџере клинци и плочи цела ноќ. Нели пукна зора - се осамна, достиска душа, не умре!Кога дојдоа изутрината бежињата, за чудо, Пејо еве ти го каде мртка на ќерамидите.
Слезе кутриот, се порастрча нагоре - надолу да му се пуштат дамарите, да се позатопли, и им отиде да им ги бара парите.Овие небаре се зачудија, па му велат:- А бре, Пејо, како остана жив ти ноќеска? Можеби навали оган на ќерамидите, што ли?Пејо почна да се брани, па им вели:- Mope ни оган запалив, ни ништо, туку давајте ги парите, не играјте си мајтап со мене, сиромав!
He, брате. Бежињата сакаат да измрдаат од облогот, а Пејо сака да си ги земе заслужените сто лири.
Почнаа да се расправаат: - Бре, си се греел негде!
- Бре, не сум ни видел оган.
- He, си се греел?
- Бре, јок.
Најпосле му падна на ум на едно од бежињата и го праша Пеја:
- Ама ич нигде не виде оган ноќеска, бре Пејо?
- А бре, агачко, видов таму негде во планината под Крушово, туку оттаму доовде колку е далеку?
- A, a, а, ах! - повикаа сите бежиња во еден глас.
- Ти си се греел, ќерата, цела ноќ, па сакаш од нас пари да земаш, а?
Ај, сиктер оттука да не ти ги скршиме коските.
Што ќе прави Пејо, сиромав. Си киниса, си заплака.
Се греел од триесет километри далечина. Но што ќе прави: кај е сила - нема правдина.
Оди време, оди, дојдоа истите бежиња на лов по Мариово и ги донесе ѓаволот и во Пејовото село. 
Бре ош, бре дрш. Пејо ги пречека како што се пречекуваат бегови, но му падна на ум нивната подигравка па си намисли да им врати мило за драго.
Ќе ги вика Пејо, денеска на ручек!Тие одвај дочекаа мувте ручек, се надеваа дека ќе падне и ракија, алва, и најмногу од се - белки Пејовица е млада да ги послужи.
И дојдоа кај Пеја. Се вртка, се шутка Пејо, домаќин е. Носи ракија, кафе и излегува понабргу да види дали е готов ручекот.
Помина дванаесет часот, ручекот уште не е готов.
Помина едниот, па двата, па трите, се стори ужина, ручекот од Пеја никако да втаса!
- Ајде бре, ќерата, Пејо, зошто не го носиш ручекот? - прашаа бежињата
.А Пејо се насмевнува под мустаќи и им вели:
- Уште малку, агачко, уште малку, беже, - и излегува почесто да види дали е печено телето.
(Така ги излага, дека ќе им пече теле).
Најпосле им се стемни на бежињата, ги сви цревцето за јадење и станаа да видат каде се пече или вари ручекот.
Кога го прашаа Пеја каде е ручекот, тој ги зеде по него и им вели:- Елате да видите!
- И ги одведе во градината под една топола.
Под тополата навален оган, а нигде нема ни котел да вари, ни ражен да се врти, ниту пак нешто да мириса на манџа.
- Каде е телето, бре пезевенк? - се разлутија бежињата на Пеја.
А Пејо одвај го дочека прашањето, па им вели:
- Ене го ене-е-е-е котелот од телето - и им го покажа со главата на врвот од тополата - туку уште малку не е доварено месото!
Бежињата се налутија и почнаа да се готват да го маваат што ги излага, па му вели едно од нив:
- Кога се видело и чуло, бре ќерата, на врвот од тополата месото, под тополата оганот, па да се свари?
- Ами како се греев јас, беже, од Прилеп, а огнот во Крушево?!
Парите, пезевенци низаедни, зашто сите сега ќе ве исколам - им се пофали Пејо и го извади од чорапот својот анџар, со кој си го тераше тромото магаре, дупејќи го во вратот.
Видоа не видоа, бежињата ги одврзаа ќесињата, му дадоа на Пеја сто лири и си тргнаа гладни, та дури во Прилеп.

Нема коментара:

Постави коментар