Реката се запознава со пливање, а човекот со разговор.

понедељак, 04. август 2014.

Црква „Свети Пантелејмон“ во село Горно Нерези


Манастирот „Свети Пантелејмон“ со истоимената црква се наоѓа во селото Горно Нерези на планината Водно на 8 километри југозападно од Скопје. Комплексот е ограден со високи ѕидови а во него се наоѓаат манастирската црква и конаците. Црквата според своите димензии можеме да ја ставиме во помалите цркви од типот впишан крст во правоаголен простор односно композиција со слободен крст. За градењето на црквата бил употребен обичен кршен камен изваден од околината на манастирот и тули кои со големо мајсторство биле претворени во полихромни површини што придонесува објектот да изгледа како да израснал од една монолитна стена која во горниот дел завршува со една поголема осмострана и четири помали четиристрани куполи. Црквата е пуштена во употреба во 1164 година во 12-от век а ктитор бил византискиот принц Алексеј Ангел, син на Константин и Теодора, ќерка на византискиот император Алексеј I Комнеј. За тоа дека црквата била изградена во 1164 година сведочи натписот на мермерниот надвратник помеѓу нартексот и наосот на црквата на кој што пишува: Се разубави овој храм на светиот и славен Великомаченик Пантелејмон со средства на господин Алексеј Комнен син на перфирородната госпоѓа Теодора во месец септември индикт 13 година при игуменството на Јоанакиј монах. Во 1555 година се случил голем земјотрес каде централната купола е целосно уништена а кон крајот на 16-от век е обновена. При повторното градење на црквата се настојувало таа да биде идентична на првата со тоа што зографите се воделе од зачуваните композиции и така во возобновиле живописот. Манастирот внатре се состои во два дела, првата и втората зона што е во сина боја датира од 12-от век а горниот дел е кон крајот на 16-от век. При вториот земјотрес кој што ја погодил оваа црква во катастрофалниот земјотрес во 1963 година настанати се поголеми оштетувања. Штети настанале во фрескоживописот а иконостасот кој бил од мермер и дрво бил целосно уништен. Од тој иконостас денес се зачувани само остатоци од средните два столбови и горната плоча од 12-от век. Комплетната гравура датира од 12-от век додека левиот дел кој е посветен на Пресвета Богородица има делумни остатоци од мермерниот дел од 12-от век. Во втората половина на 19-от век врз постариот живопис бил насликан нов но истиот бил откриен и од 1926 година до денес стои поголем дел од стариот живопис. Над цоклата која имитира разнобојни мермерни плочи во првата зона се насликани фигури на светители во целосен раст. Во просторот на олтарот по столбовите и на ѕидовите на црквата насликани се допојасни претстави на светители во медаљони меѓу кои се истакнуваат ликовите на светите врачи Кузман и Дамјан. Во источниот дел на црквата на челната страна во посебни копаничарски обработени штукатурни рамки украсени со орнамент од преплет на лозница со широки листови и стилизирани пауни се насликани од едната страна патронот на црквата Св. Пантелејмон а од другата страна Св. Богородица со малиот Христос во раце. Во оваа композиција Св. Пантелејмон е претставен како висок, нежен и облагороден младич кој што во десната рака држи скалпел а во левата рака кутија за лекови. Овие фигури се целината со камениот иконостас од кој до денес останати се само: архитривната греда, еден столб со капител и дел од парапетна плоча. Има разни теории за тоа колку мајстори го работеле живописот меѓу кои и таа дека биле четворица или петмина и дека главниот мајстор е од Цариград. Неговата вешта рака го создала живописот во најодговорните и најосветлените делови во црквата а денес од нив зачувани се композициите: Сретение, Преображение, Лазарево воскресение, Раѓање на Св. Богородица, Воведение на Св. Богородица во храмот, Влегување во Ерусалим, Симнување од крстот и Оплакување Христово. Живописот во црквата е дело на двајца главни мајстори кои се разликуваат меѓусебе не толку според цртежот колку според колоритот. Вториот зограф бил всушност најблискиот помошник на главниот мајстор и за него се знае дека ја работел композицијата Евхаристијата или Причестувањето на апостолите и некои од ликовите на светите воини што се забележува од тоа дека работел во помалку сигурен манир и слика со нешто поразводнети бои. Сепак врвно дело на главниот зограф се композициите: Оплакување Христово и Симнување од крст. Првата композиција е позната тема која се сретнува речиси во сите цркви насликани пред и после живописувањето на црквата. Но оваа композиција се разликува од останатите затоа што во прв ред е нагласено истакнување на внатрешните чувства на прикажаните личности. Св. Богородица е насликана како мајка која плаче над својот мртов син. Нејзиното лице покажува израз на длабока болка а погледот и е вперен кон лицето на мртвиот син кого пак го држи во драматична прегратка. Со оваа композиција се докажува дека нерешките мајстори создале галерија на врвни достигнувања во Македонија од времето кога Комнените пристигнале до нас. Чувството кое ќе го добиете кога ќе пристигнете во манастирскиот комплекс и кога ќе запалите свеќа во манастирската црква е единствено и неповторливо. Со овој манастир управува Синодот на МПЦ а во него задолеженото лице ќе ве пречека љубезно и ќе ви ги каже сите информации за самата црква и за светецот Св. Пантелејмон на кого е посветен комплексот. Впечатокот е уникатен и единствен и секој оној кој ќе посака барем на кратко да избега од гужвата во Скопје може да го стори тоа во овој Божји храм и да го побара својот душевен спокој и мир.

                                                 (Македонска нација)